Од партијата бараат Обвинителството да утврди дали станува збор за единствен случај

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, наводно наместил тендер за одржување на хигиената на граничните премини и терминали во вредност од 18 милиони денари.

Од партијата тврдат дека до нив пристигнале информации од свиркачи според кои Богоев требало да добие 10 проценти од вредноста на тендерот.

„Од свиркачи дознаваме дека Богац ќе добиел 10% од тендерот кој самиот го наместил“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, ако наводите се точни, тоа би значело дека од тендерот вреден 18 милиони денари, Богоев би инкасирал 1,8 милиони денари.

Во соопштението се оценува дека случајот претставува уште една тендерска шема поврзана со СДСМ, при што партијата упатува критики и кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

„Која е мерната единица на СДС и Филипче за да осудат било каков криминал? Ако ова не го сметаат за криминал, колку државни пари требало да украде Богац за да ја премине границата и Филипче да се огради?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата го повикуваат Јавното обвинителство да го испита случајот и да утврди дали ова е единствениот тендер што, според нивните тврдења, бил наместен за време на мандатот на Богоев како директор на Царинската управа.