Во Обвинителството се воделе постапки за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кого САД го ставија на „црната листа“, но од Обвинителството денеска не одговорија ниту на прашањата на „Фокус“, ниту на прашањата на другите медиуми колку кривични пријави има поднесено против Мерко, колку постапки се водат против него и до каде се и како сега ќе постапува Обвинителството откако САД детектираа корупција кај Мерко.

Нема одговор и откако премиерот, Димитар Ковачевски праша како САД, кои се неколку илјади километри далеку видоа корупција кај Мерко, а нашите правосудни и истражни органи досега не виделе.

Во 2021 година Антикорупционерите бараа струшкиот градоначалник да одговара кривично поради финансиски малверзации потврдени во нивната истрага, но и од државните ревизори.

Кривична одговорност се барала и од претседателот на Кривичниот суд во Струга кој лично дозволил буџетот на Општината да изнесува 50 милиони денари, иако таа беше една од најзадолжените.

Сомнителни јавни набавки, нерационалнo трошење и секако набавката на луксузното „ауди А6“ од 70 илјади евра за службено возило.

Антикорупциска поднесе иницијатива која од скопското преку струшкото обвинителство заврши во Обвинителството за организиран криминал, каде се води уште една предистрага за нелегална продажба на објекти.

Според тогашниот одговор од Обвинителството, против Мерко биле оформени три предмети, едниот за судир на надлежности бил пратен во струшкото обвинителство, потоа за луксузните автомобили.

-Од 2018 година во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се оформени три предмети од кои за еден е предизвикан судир на надлежност и истиот е препратен на надлежно постапување во ОЈО Струга. Во предметот за јавната набавка на Општина Струга на 3 автомобили и еден луксузен автомобил марка Ауди А6, што беше отворен по иницијативата поднесена од Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси во 2019 година е во предистражна постапка и се чекаат наодите од вештачењето, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката. Што се однесува до другиот предмет истиот е за бесправна продажба на објект и исто така е во предистражна постапка. Со оглед на тоа дека предистражната постапка согласно закон е тајна во моментов за жал не може да се споделат детали во врска со предметот, информирале од Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Меѓународниот Универзитет во Струга кој се поврзува пак со семејството на Мерко во 2018 година го проверуваа просветни инспектори под сомнение дека студенти и професори се без нострифицирани дипломи. Но инспекторите беа нападнати и избркани.

И покрај сите скандали со Мерко, тој веќе трет мандат е прв човек на општина Струга.