Тројцата осомничени Артан Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, кои се на раководни функции во комуналното претпријатие во Гостивар, добија мерка притвор во траење од 30 дена. Одлуката ја донел судијата на претходна постапка во Основниот суд во Гостивар, Ќирко Михајлоски, откако Јавното обвинителство побара определување на притвор за лицата осомничени за случајот со труењето во општина Гостивар.

Тројцата се сомничат за кривично дело поврзано со епидемијата предизвикана од водата за пиење, како и за нелегално поставување пумпи во одводен канал, по што дошло до мешање на водата.

Портпаролката на Основниот суд во Гостивар и судија кривичар, Драгослава Веселинова, на денешната прес-конференција информираше дека судијата Михајлоски го прифатил предлогот на Јавното обвинителство и донел решение КПП 237/26 со кое на тројцата осомничени им е определен притвор од по 30 дена.

Веселинова посочи дека решенијата за притвор биле доставени до осомничените, а мерката ќе ја издржуваат во КПУ Затвор Скопје – Скопје.

Таа образложи дека притворот е определен поради висината на запретената казна за делото што им се става на товар, бидејќи станува збор за кривично дело за кое е предвидена санкција од најмалку четири години затвор. Дополнително, според неа, постои опасност доколку осомничените се бранат од слобода да се дадат во бегство или да влијаат врз сведоците кои треба да бидат испитани во текот на истражната постапка.

„Од досегашните информации што ги добив од страна на Основното јавно обвинителство, дека ОЈО Гостивар спроведе истражна постапка против осомничените Артан Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, под сомнение дека сториле кривично дело Тешки дела против животната средина и природата од член 234 став 2, во врска со член 219 став 3, во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик (КЗ). Основното јавно обвинителство, по спроведената истражна постапка, преку јавниот обвинител Хазби Сени, до судијата на претходна постапка на Основен суд Гостивар достави предлог за определување на мерка притвор против овие осомничени. Во предлогот ги има наведено причините поради кои го предлага притворот: поради запретената казна за која им се става на товар на осомничените — бидејќи се работи за кривично дело за кое е запретена кривична санкција од најмалку 4 години, а доколку обвинетите би се пуштиле да се бранат од слобода, постои голема веројатност да се дадат во бегство и да влијаат врз сведоците кои треба да бидат испитани во текот на истражната постапка“, изјави Веселинова.

Таа додаде дека предлогот за притвор бил поднесен од Основното јавно обвинителство Гостивар по спроведената истражна постапка, преку јавниот обвинител Хазби Сени.

На прес-конференцијата присуствуваа и в.д. претседателот на Основниот суд во Гостивар, Мирослав Петровски, како и судијата на претходна постапка Ќирко Михајлоски.