Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против едно лице осомничено дека извршило насилство врз гинеколог во приватна ординација во поликлиниката „Букурешт“. До судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување повеќе мерки на претпазливост.
Осомничениот се товари за кривичното дело „насилство“ од член 386 став 6, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Според доказите обезбедени до овој момент, на 16 септември, во приватна ординација во склоп на поликлиниката „Букурешт“, осомничениот извршил грубо насилство врз лекар-гинеколог кој бил на неговото работно место. Му се заканувал и физички го нападнал со повеќе удари, а предизвикал чувство на несигурност, загрозеност и страв и кај други присутни во ординацијата“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.
Јавниот обвинител побарал мерки со кои треба да се обезбеди присуството на осомничениот во постапката, како и забрана тој да им се приближува на оштетениот лекар и на ординацијата.
