Собраниската Комисија за култура и туризам денеска ќе одржи надзорна расправа посветена на примената на Законот за употреба на македонскиот јазик, со акцент на проблемите во неговото спроведување.
На седницата се поканети претставници на надлежните институции, универзитетски професори и експерти од областа на македонскиот јазик. Меѓу нив се министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорката на Инспекторатот за македонски јазик Менче Андреева, поранешната претседателка на Советот за македонски јазик Симона Груевска-Маџоска, претседателката на Здружението на лекторите на Македонија Елизабета Бандиловска, како и претставници од академската заедница и институциите што се занимаваат со заштита и унапредување на македонскиот јазик.
Со воведно и завршно обраќање ќе се обрати претседателката на Комисијата за култура и туризам, Саранда Имери-Стафаи.
Во текот на расправата, членовите на Комисијата и останатите пратеници ќе имаат можност да поставуваат прашања до поканетите претставници, со цел да се утврди како се спроведуваат законските одредби во пракса и со какви предизвици се соочуваат институциите.
По завршувањето на расправата, Комисијата ќе изготви извештај што ќе биде доставен до Собранието, а доколку биде оценето како потребно, ќе предложи и заклучоци што ќе ѝ бидат упатени на Владата за понатамошно постапување.
