Оркестарот на Филхармонија овој четврток во 20 часот ќе го изведе првиот концерт од втората концертна сезона.

На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр.9 од Жозеф Болоњ, Шевалие де Сан Жорж и Оркестарската свита од операта балет „Галантна Индија“ од Ж.Ф.Рамо што ќе бидат изведувани од младата американска виолинистка, Елишија Силверштајн под диригентство на маестро Габриел Бебешелеа.

„’Галантна Индија’ е првата опера балет на Жан Филип Рамо која премиерно е изведена во Париската опера на 23 август 1735 година. Во ова дело, Рамо ја запознава публиката со различни аспекти на љубов во далечните земји. Момчињата од четири европски земји, Купидони, грешејќи ѝ на божицата Хеба, одат во војна. Кога сфаќаат дека Европа ги напуштила, решаваат да одлетаат во Индија/Индии – генерички термин што во тоа време се користел за која било далечна, егзотична земја. Овие т.н. Индии стануваат место на случување во чиновите, односно антреа“, стои во најавата за концертот.

Елишија Силверштајн на светската музичка сцена се етаблира како изведувач со невообичаено смели и проникливи изведби, а некои музички критичари ја вбројуваат меѓу најзначајните претставници на својата генерација.

Габриел Бебешелеа е познат по својата исклучителна музикалност и ентузијазам што ја зголемува неговата популарност и обожаваност кај публиката. Тој е оперски диригент, именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што стана најмладиот шеф-диригент кога било во Романија.