Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвои резолуција со која се повикува претседателот Доналд Трамп да ги прекине воените операции против Иран, и покрај тоа што републиканците имаат тесно мнозинство во овој дом. Одлуката доаѓа во период на зголемени тензии на Блискиот Исток и претставува еден од најновите симболични обиди на Конгресот да се спротивстави на политиките на претседателот, објави „Ројтерс“.
Резолуцијата за воените овластувања беше изгласана со 214 гласа „за“ и 208 „против“. На демократите им се приклучија и четворица републикански претставници – Том Барет од Мичиген, Брајан Фицпатрик од Пенсилванија, Ворен Дејвидсон од Охајо и Томас Маси од Кентаки.
Предлогот го поднесе демократската конгресменка Прамила Џајапал, а со него се бара Трамп да ги „повлече вооружените сили на САД“ од конфликтот со Иран, освен доколку нивното учество претходно не биде одобрено од Конгресот.
Сепак, резолуцијата нема обврзувачки карактер и се оценува како претежно симболичен потег. Американските пратеници и претходно усвојуваа слични документи, но тие не доведоа до прекин на воените активности.
Сенатот, каде што републиканците исто така имаат тесно мнозинство, се очекува подоцна да гласа за сопствена, но суштински слична резолуција.
Трамп најави жестока реакција кон Иран
Гласањето во Претставничкиот дом се одржа откако конфликтот меѓу САД и Иран однесе нови американски жртви, а Трамп најави дополнително засилување на воените дејствија.
Американскиот претседател претходно порача дека ќе следи „жестока воена одмазда“ против Иран и неговите сојузници Хути. Неговата изјава уследи откако јеменските борци нападнаа два саудиски нафтени танкери во Црвеното Море, со што кризата се прошири и кон уште една важна поморска рута за светската трговија.
Ескалацијата се случува две недели по пропаѓањето на привременото примирје со цел ставање крај на војната. Во меѓувреме, американската војска изведе нови воздушни напади врз Иран, по што Техеран возврати со напади врз американски воени бази во соседни земји.
