Констатирана е состојба на хаос во рудниците за јаглен во Битола, затоа што воопшто не се водело сметка отстранувањето на јаловинските маси да се врши согласно главниот и дополнителниот проект, а како последица на тоа, нема откривки на јаглен од кои може да се обезбеди континуиран и безбеден ископ за потребите на термоблоковите, истакна Зоран Коњановски, директор за производство и член на УО на АД ЕСМ.
Коњановски нагласи дека во претстојната грејна сезона, новите раководства на АД ЕСМ и на РЕК Битола влегуваат со извршена сеопфатна анализа на актуелните состојби во рударско енергетските комбинати.
Претходните раководства на АД ЕСМ, на РЕК Битола не ги подготвувале капацитетите во пресрет на грејната сезона. Утврдено е дека нема доволно количини на јаглен, а затекнатиот јаглен на депониите е со исклучително лош квалитет. Веднаш консултиравме професори од Рударскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип кои наскоро ќе излезат со констатирани забелешки за работата на рудниците во комбинатот со насоки во однос на понатамошната експлоатација на јаловината и на јагленот. При увид на теренот, од реномираните експерти се споделени впечатоци дека ископите во постојните рудници при РЕК Битола се вршени спротивно на проектната документација, посочи Коњановски.
Во изјава за медиумите, Коњановски истакна дека во моментов, користејќи ги сите ресурси што комбинатите ги имаат на располагање, направена е реорганизација во однос на капацитетите во рудниците, со цел во најкус можен рок да се обезбеди фронт за ископ на квалитетен јаглен.
Обезбедивме многу поповолни финансиски услови за набавка на квалитетен јаглен од веќе постоечки договор за набавка на овој енергент од увоз, со што овозможивме одлични предуслови за реализација на планираните производни количини на електрична енергија за оваа грејна сезона. Сакам да истакнам, рече Коњановски, дека за разлика од претходните набавки на јаглен, за сите идни набавки на овој енергент, тогаш кога ќе има потреба, особен акцент ќе се даде на квалитетот.
Од АД ЕСМ информираа дека имаат докази дека изминативе неколку години се увезувал јаглен со катастрофален квалитет, со специфики кои се во спротивност со пропишаните за работа на термоелектраните. Тоа предизвикало хаварии на блоковите поради кои ЕСМ издвојувале милионски суми за санација.
Ние имаме одговорност за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, но истовремено и одговорност да ги сочуваме термоелектраните – како материјално и национално добро. За сите неправилности кои продуцирале недомаќинско и неодговорно однесување, АД ЕСМ ги разгледува можностите од покренување на кривична и дисциплинска постапка кон раководни лица што директно влијаеле на затекнатите состојби во битолскиот рударско енергетски комбинат, најави Коњановски за време на денешната посета на РЕК Битола.
Во моментов, ремонтните активности во блок 2 во РЕК Битола се завршени и тој е веќе на мрежа, додека ремонтот на ТЕ Битола 3 е завршен во согласност со планот. Зафатот на ТЕ Битола 1 се уште не е ни започнат.