Градоначалникот на општина Битола денеска имајќи ги предвид случувањата во општината во последните два месеци, посочи дека јавноста потребно е да биде информирана за моменталните состојби, објективно и вистинито.
– Од моето доаѓање, како градоначалник на општина Битола, мојот главен приоритет е работа и посветеност во работењето, во интерес на Битола како град во кој живееме и во интерес на сите нас – граѓаните на Битола. Во ниту еден момент не помислив дека мојата работа треба да се сведува на собирање политички поени или манипулирање на граѓаните, како што тоа се прави од одредени структури во Советот на општина Битола деновиве, рече тој.
Додаде дека потврда за работата на оваа локална самоуправа, се повеќе локации на кои се спроведуваат градежни активности и тоа:
– Вчера започнавме со асфалтирање на 7 улици во село Оптичари во должина од еден километар и вкупна вредност над 5 милиони денари, а од руралните места работиме на реконструкција на 10 краци во село Егри и 2 во Лажец во должина од 1 километар 700 метри и вкупна вредност над 7 милиони денари. Да напоменам дека во овие рурални средини долги години не е направено ништо. Работиме на Пешачката патека кон Долно Оризари во должина од 1100 метри, односно реконструкција на тротоар кон постоечки коловоз на дел од улица „Ѓурчин Наумов – Пљакот“ и улична мрежа на локален пат до село Долно Оризари, во вредност од 3.400.000. Вечерва тие кои ќе бидат присутни таму ќе бидат сведоци на осветлувањето кое вечерва го пуштаме во тој дек на добробит на сите граѓани не само од Долно Оризари, туку од селата кои гравитираат во тој дел, проект и работа која е барана повеќе од 30 години, изјави Коњановски.
Тој посочи дека и во централното градско подрачје работи на партерно уредување кај Офицерски дом на површина од 2000 метри квадратни во вредност од 23 милиони денари. Во непосредна близина работимe на Спортската сала „Боро Чурлевски“ за нејзино усогласување со стандардите за европски натпревари, а го реконструираме и паркинг просторот за што издвоени се 18 милиони денари. Се уредува и паркинг просторот на улицата Цане Василев на површина од 1200 метри квадратни во вредност од 4 милиони денари.
– Работиме на комплетна реконструкција на водовод, канализациона мрежа и коловоз на улица Драгорска во должина од 400 метри и вредност над 16 милиони денари, а комплетна реконструкција имаме и на улица Зборска во должина од 200 метри и инвестиција над 6 милиони денари. Во населба Недопирливи се реконструира комплетна инфраструктура на 10 краци во должина од над 2 километри и вредност од 28 милиони денари. Продолжуваат работите во Довлеџик, следниве денови очекувам да финализираат работите на прифатилиштето каде во оваа фаза инвестираме над 4 милиони денари, а започнавме и со изградба на кружен тек на улица „Прилепска“ со улица „Баталјон Стив Наумов“, проект во вредност над 11 милиони денари.
Коњановски додаде дека инфраструктурата е само еден дел а се работи и во другите области додека новоформираната коалиција во советот продолжува со своето делување да наштетува на Битола, на отпочнатите и планирани проекти, создавајќи пракса која во иднина ќе генерира нови проблеми.
– Потврда за тоа се сите одржани седници почнувајќи од 26 тата наваму. На 26 тата седница, да напоменам веќе знаете дека имавме незаконско прекинување на седницата и законско продолжување со извештај од инспекциски надзор во кој се потврдува дека Претседателката на Советот згрешила или постапила спротивно од законот, и нејзиното постапување го закочи донесувањето на неколку одлуки, важни за градот. За односот кон проектот за изградба на велосипедски патеки на улиците Партизанска и Васко Карангелевски, исто така знаете дека по принцип на политиканство, и собирање поени, проектот се негираше и потценуваше, за да на крај точката повторно биде усвоена, истакна тој.
Додаде дека деновиве сме сведоци на кривична против него а до скоро имаше ви вонреден инспекциски надзор во врска со незаконски донесените одлуки на советот на 27 седница за разрешување на членовите на управни и надзорни одбори на 6 те јавни претпријатија.
– Одлуките кои не ги потпишав, не сасмо што се донесени противзаконски туку имаат за цел и да доведат до целосна парализа на сите јавни претпријатија и да ги доведат на работ на егзистенција над 1000 вработени во претпријатијата. Очекувам инспекцискиот надзор да го потврди токму тоа дека ваквото делување на советот е противзаконско и на штета на Битола. Последната седница одржана на 27 06 исто така е уште една потврда за противзаконското постапување од страна на советот, новоформираната коалиција, непочитување и мешање во ингеренциите на градоначалникот и другите институции. Прво одлуката за приовремено враќање на шинтерската служба е невозможно да се спроведе, а доколку се насочиме на нејзино спроведување тогаш наместо на обезбедување документација и лиценца од Агенцијата за храна и ветеринарство за новото прифатилиште на кое што веќе работиме треба да се насочиме на создавање на услови за такво во ЈП Комуналец, рече Коњановски.
Во однос на бездомните кучиња Коњановски ги повика советниците од СДС да не го блокираат новото прифатилиште кое во изградба согласно законската регулатива.
– Веќе не се проблем само бездомните животни туку и оние кои некому припаѓаат, како иматели за борби, а законот препознава само сопственици. Затоа е потребно делување и од полицијата и обвинителството, изјави тој.
Тој додаде дека преодното Решение одамна се применува согласно препораките и законот, и моменталните услови кои што се во градот.
„Одлуката за враќање на Шинтерска служба е за жал политичка манипулација, тешка манипулација на грбот на граѓаните за да се прикаже дека некој т.е. градоначалникот се разбира не сака да го реши проблемот додека новата коалиција во Советот тоа го бара. Бараат Шинтерска служба во кои услови заловување на кучиња, каде тие кучиња и како ќе се третираа, законот точно го предвидува и тоа ние го практикуваме. Сите сакаме слободно да се движиме низ улиците на градот, а глутниците кучиња да не бидат опасност за нас“, рече тој.
Коњановски рече дека прифатилиштето ќе се гради според сите стандарди кои се налагаат.
Ќе потсетам и на иницијативата донесена на Советот за разрешување на директорот на ЈП паркинзи ко е директно мешање во ингеренциите на градоначалникот и создавање на политички хаос. Не смеам и не сакам да го прекршам законот, она што ќе продолжам да правам е континуирана посветен работа и завршување на проектите. Ќе повикам на конструктивност на советот. Со опструкции не само што се наштетува на Битола туку и се намалува довербата во институциите, а за накои тоа е целта, рече тој.