Во тек се проверки за корисниците на гарантирана минимална помош и социјална сигурност
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска го посети Центарот за социјална работа во Велес, каде изврши увид во постапките поврзани со користењето на гарантираната минимална помош и правото на социјална сигурност за старите лица.
Посетата, како што информираат од Министерството, е дел од активностите за проверка на исполнувањето на условите кај корисниците на овие права.
Во рамки на процесот, центрите за социјална работа имаат обврска координирано и навремено да ја утврдат фактичката состојба кај корисниците, преку увид во документацијата и разговори со лицата.
Формирани се стручни тимови за проверка на состојбата
Согласно законските рокови, директорите на центрите формираат стручни тимови составени од социјални работници и други стручни лица.
Тимовите ги повикуваат корисниците, вршат непосреден увид и ја проверуваат документацијата, по што предлагаат мерки согласно законските процедури.
„Нашата цел е јасна – средствата предвидени за социјална заштита да стигнат до оние на кои навистина им се најпотребни. Само со одговорен, транспарентен и професионален пристап можеме да изградиме систем кој ќе биде праведен и ефикасен за сите граѓани“, истакна Велковски.
