Порака за продлабочување на соработката со општината и централните институции

Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михаил Рокас, при посетата на Крушево истакна дека градот останува дел од активната проектна соработка со ЕУ, со веќе започнати иницијативи, но и нови програми што допрва следуваат.

Тој нагласи дека Крушево има силен туристички и историски потенцијал и дека Европската Унија продолжува да поддржува проекти во различни области.

„Не постои никаков сомнеж дека Крушево е прекрасно историско место. Неколку проекти се тековни кои се реализираат со финансиска поддршка на Европската Унија, но има и идни проекти кои би се реализирале во Крушево. Се обидувам со мојот тим и со централната власт да изнајдеме решение за да ги решиме предизвиците со кои се соочуваат општините. Значи, да се направи координација со централната власт за да изнајдеме решенија за сите видови проблеми“, рече Рокас.

Вода, отпад и инфраструктура меѓу клучните предизвици

За време на посетата, Рокас се сретна со градоначалникот Нико Чонески и членовите на општинскиот совет, каде беа отворени прашања за локалните проблеми и развојни приоритети.

Тој посочи дека најчесто идентификувани предизвици во општините се водоснабдувањето, управувањето со отпад и третманот на отпадните води.

„Главните проблеми кои треба да се решат, а слично е и во другите општини, се проблемите поврзани со водата за пиење, со менаџирањето на цврстиот отпад и со менаџирањето на отпадните води“, изјави Рокас.

Три европски програми отворени за Крушево

Евроамбасадорот информираше дека се отворени три актуелни повици за проекти кои можат да бидат искористени од општината, особено во делот на одржлив развој и туризам.

„Во моментов има три повици за проекти. Едниот за прекугранична соработка со Република Албанија, тоа е повикот за проекти ќе се објави во септември годинава, а во меѓувреме има тековен проект за програмата Интерек -Република Грција, а и проект за пристап на Крушево во „Лајв програмата““, рече Рокас.

Тој додаде дека сите програми се фокусирани на биодиверзитет, одржливост и туризам, при што нагласи дека локалните власти треба активно да аплицираат за достапните средства.

Рокас ја пофали соработката со општинската администрација, оценувајќи ја како успешна и конструктивна.

Градоначалникот Нико Чонески истакна дека средбата поминала во конструктивна атмосфера, со фокус на тековните и идните проекти за подобрување на животниот стандард.

Евроамбасадорот се сретна и со претставници на невладини организации во Крушево.