Информациите за програмите и можностите што им се достапни на младите од државните институции, општините, младинските организации и другите релевантни чинители треба да бидат обединети на едно место. За таа цел, во Македонија се подготвува концепт за единствен национален агрегатор за млади, информираше министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, на регионален состанок во Подгорица.
Велковски учествуваше на „Министерскиот состанок за млади од Западен Балкан 2026“, кој се одржа во главниот град на Црна Гора. На форумот присуствуваа министри и шефови на делегации надлежни за младинските политики од земјите од регионот.
Состанокот го организираше Регионалната канцеларија за младинска соработка – RYCO, во партнерство со Министерството за спорт и млади на Црна Гора, под покровителство на црногорската Влада и во рамки на Берлинскиот процес.
Министерскиот состанок претставува меѓувладина платформа на високо ниво наменета за политички дијалог, зајакнување на регионалната координација и усогласување на пристапите во политиките што се однесуваат на потребите и перспективите на младите.
Годинашниот собир има посебно значење бидејќи се одбележуваат десет години од основањето на RYCO. Во изминатата деценија организацијата се развила во важна регионална платформа за младинска соработка, дијалог, размена и градење доверба.
Во рамки на министерската програма се разговараше за приоритетите на регионалната младинска соработка и за начините на кои младите можат поефективно да се вклучат во тековните реформски процеси. Фокусот бил тие да не бидат само корисници на политиките, туку активно да придонесуваат во нивното креирање, спроведување и следење.
Меѓу темите биле младинското учество во донесувањето одлуки, регионалната мобилност и поврзаност, образованието, вработувањето, претприемништвото, волонтерството и младинските иницијативи.
Учесниците разговарале и за улогата на младите во пошироките реформи поврзани со економскиот развој, миграцијата, безбедноста, социјалната кохезија и европската интеграција.
Претставувајќи го концептот за единствен национален агрегатор за млади, Велковски оцени дека таквата платформа во иднина би можела да прерасне и во регионален проект.
„Верувам дека ваквиот пристап во иднина може да добие и регионална димензија. Нашата амбиција треба да биде еден млад човек во Скопје, Подгорица, Сараево или Тирана лесно да може да ги види можностите што му се достапни не само во сопствената земја, туку и во регионот“, истакна Велковски.
Министерот нагласи дека младите треба да добијат реална можност да учествуваат во идентификувањето на предизвиците, предлагањето решенија и следењето на резултатите на локално, национално и регионално ниво.
Посебно внимание било посветено на поврзувањето на националните младински политики со пошироките реформски процеси. Националната стратегија за млади 2023–2027 и Акцискиот план 2026–2027 биле посочени како важни механизми за поврзување на младинските приоритети со реформите во областите што директно влијаат врз младите.
На состанокот се разговарало и за RYCOncile – Фондот за млади на RYCO, како практичен механизам преку кој политичките заложби треба да се претворат во конкретни можности и активности. Фондот е насочен кон поддршка на младински иницијативи, регионална соработка, мобилност, учество, инклузија и социјална кохезија.
Целта на Министерскиот состанок е натамошно зајакнување на регионалната младинска соработка и поврзување на политичките определби со конкретни механизми за нивно спроведување.
Учеството на Северна Македонија на форумот претставува можност за размена на искуства и добри практики со земјите од регионот, за подобра координација на младинските политики и за отворање простор за нови иницијативи и механизми што ќе придонесат за поголемо учество и поврзаност на младите.
