Два часот по полноќ, сонот на една старица која живее во еден од станбените комплекси во Шангај е прекинат со силен удар на влезната врата. Бидејќи во секунда не успеала да стане од кревет и да им ја отвори вратата, неколку мажи насилно влегле во станот и ја однеле. Не, тие не се разбојници, старицата не е уапсена, туку само заразена со коронавирус.
Тие дошле да ги стават во карантин жената и нејзиниот син, бидејќи, според нивната евиденција, двајцата биле позитивни на коронавирус пет дена претходно, на 14 април.
Кога старицата одбила да оди со нив, тие наводно ја извлекле од креветот и ја влечеле по подот. Плашејќи се од најлошото, синот и помогнал да се облече и се согласил да послуша, пишува CNN.
Извештајот за настаните, кој го презентираше нејзината внука, поранешна новинарка родена и израсната во Шангај, предизвика гнев на социјалните мрежи.
Среде негодување на јавноста, локалната власт во вторникот вечерта издаде соопштение во кое го потврди доцниот ноќен карантин на двајца постари жители. Се зборуваше дека полицијата и соседите го принудиле браварот да ја отвори надворешната врата од станот бидејќи се плашеле дека „нешто им се случило“ на станарите во него.
Во соопштението се наведува дека двајца постари жители се согласиле да бидат преместени по комуникацијата со полицијата и доброволно влегле во автомобилот.
Кога стигнале во изолациониот објект по четири часот наутро, веќе бил преполн со постари луѓе, меѓу кои имало и во инвалидски колички. Немаше слободен кревет, а остатокот од ноќта го поминале седејќи во ходникот. Следното утро ги сместиле во нивните кревети и на сите им дале вреќа за спиење и ќебе.
Во соопштението од локалната самоуправа се наведува дека медицинските работници во карантинскиот центар извршиле основен лекарски преглед на бабата и нејзиниот син и се увериле дека нивната здравствена состојба е нормална.
Тие го признаа недостатокот на кревети и истакнаа дека здравствените работници дополнително ќе внимаваат на постарите пациенти.
Бабата е една од многуте постари граѓани на Шангај кои беа ставени во владин карантин во последните денови, додека властите ги засилуваат напорите да ги отстранат сите позитивни случаи од заедниците во обид да го спречат ширењето на короната.
Патем, властите во Шангај се под огромен притисок да ја спречат епидемијата на омикрон, која зарази повеќе од 430.000 луѓе и покрај неколкунеделниот строг карантин.
Последните напори за нејзино сузбивање само предизвикаа уште поголем гнев кај народот. Многумина стравуваат дека постарите граѓани нема да добијат соодветна грижа во импровизираните простории за изолација, од кои некои се оптоварени со пренатрупаност, како и со недостаток на медицинска опрема, лекари и медицински сестри.