Министерството за правда оценува дека европската поддршка е потврда за досегашните резултати
Министерството за правда соопшти дека претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, ги поздравил реформските активности и напредокот што државата го постигнува во спроведувањето на европската агенда.
Од Министерството посочуваат дека како особено значаен сигнал ја сметаат поддршката за усвоените патокази за владеење на правото и реформата на јавната администрација.
„Особено сме горди што Европската Унија го препозна усвојувањето на Патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација како конкретен и опиплив резултат на нашата посветеност. Овие стратешки документи претставуваат темел за изградба на поефикасни институции, посилно владеење на правото и поголема доверба на граѓаните во правосудниот систем“, велат од Министерството за правда.
Оттаму нагласуваат дека остануваат посветени на спроведување на реформите, усогласување со европските стандарди и забрзување на процесот на евроинтеграција.
„Признанието од највисоките европски претставници е потврда дека реформите даваат резултати, а нашата држава сигурно чекори кон своето место во европското семејство“, посочуваат од Министерството за правда.
