Моја Струмицо, мои струмичани и струмичанки, благодарам за поддршката што сте ми ја давале и ми ја давате, благодарам на претседателот на СДСМ Зоран Заев и целото раководство и извршен одбор за шансата што ми ја давате, да направам нова, модерна, европска и граѓанска Струмица за сите, порача портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, кој денеска беше промовиран како кандидат на партијата за градоначалник на Струмица.
Ви ветувам дека оваа значајна и огромна поддршка, што значи победа убедлива во прв круг, нема да ја изневерам.
Победуваме силно и убедливо!
Мотивиран токму од потенцијалите кои ги препознав за нашето Општество, можностите и иднината во регионалниот развој, како и европската филозофија за локално делување, одлучив политичката кариера да ја продолжам во рамки на Локалната самоуправа.
Со овој чекор се насочувам кон мојот роден град, градот кој го знам и за кој знам дека можам многу да направам.
Токму од Струмица, на локално ниво, чекор по чекор може да се даде придонес за целокупната слика и добросостојба за нашата татковина, поаѓајќи од грижата за нашите сограѓани.
Сето ова е голема обврска и одговорност за секој човек кој се нафаќа да менаџира со луѓето и ресурсите. Свесен сум дека од мене, како потенцијален Градоначалник се очекува Градот и Општината да одат напред. Како Струмичанец, знам како.
Како еден од предводниците на Општинска Организација на Социјалдемократскиот Сојуз во Струмица, активно и на терен сум присутен повеќе од една деценија. Ја познавам Општината и луѓето кои тука живеат.
Имам сила, желба, знаење и 100% сум подготвен да ги вложам во мојата Струмица. Најдоброто значи токму тоа, најдоброто во секој од нас да го вложиме за нашите сограѓани.
Верувам дека со моето досегашно искуство, капацитетите кои веќе ги поседува Општината, можностите кои се пред нас, како и со една посветена работа во правец на искористување на потенцијалите, посебно на оние кои ги има и ги очекуваме од Европската Унија, ќе го потврдам напредокот на Струмица и Регионот.
Нека е со среќа уште една огромна победа за нашата Струмица!, вели Костадинов.