Русија предизвика реална опасност од нуклеарна и радиоактивна катастрофа со нападите во кои сите украински нуклеарни реактори беа исклучени од електричната мрежа првпат по 40 години, објави денеска шефот на украинската компанија за нуклеарна енергија Енергоатом, Петро Котин.
Котин во соопштението наведе дека нуклеарната централа во Запорожје била повторно приклучена на електричната мрежа по руските воздушни напади во средата, а резервните дизел генератори во таа нуклеарна централа биле исклучени.
Министерот за енергетика Герман Галушченко претходно рече дека Украина очекува нејзините три нуклеарни централи, кои беа затворени во средата поради руски ракетни напади, да бидат повторно во функција до вечерва.