Овие 32 години независност покажаа дека тешките одлуки денес значат подобра иднина утре. Оваа денешна реалност, кога светот ја признава македонската државност, македонскиот јазик, идентитет, културна посебност, кога Европа ни отвора врата да седнеме на големата маса, рамноправни, го дава суштинското значење на државничките одлуки, рече денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски по повод Денот на независноста, 8 Септември, во обраќање на традиционалниот пикник во Пеленица, општина Кисела Вода.

-32 години го обликуваа нашиот досегашен пат како суверена, независна и демократска држава. Сите овие години ја потврдија и решителноста на сите наши граѓани за слободна, напредна и економски развиена татковина, рамо до рамо со европските народи. Надминавме бројни предизвици и секој од нив не направи посилни.  Успеавме на трнливиот пат иако не беше воопшто лесно. Со право денеска граѓаните имаат длабоко чувство на гордост.  32 години подоцна: Македонија е меѓународно признаена држава,  слободна и суверена, со обезбедени граници, со признаен македонски јазик и идентитет,  со развојна економија, повисоки плати и пензии, успешна мултиетничка демократија,  членка на НАТО и на патот кон Европската Унија.  Оваа денешна реалност, кога светот ја признава македонската државност, македонскиот јазик, идентитет, културна посебност, кога Европа ни отвора врата да седнеме на големата маса, рамноправни, го дава суштинското значење на државничките одлуки, рече Ковачевски.