Премиерот Димитар Ковачевски, утрово до Собранието го достави предлогот за реконструкција на Владата. Владиниот кабинет направи место и за Алијанса за Албанците. Кадрите на АА кои се предложени се Кренар Лога за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за прв човек на Мин. за информатичко општество и администрација, додека со Министерството за животна средина и просторно планирање ќе раководи Каја Шукова од СДСМ.
АА добива и функции на заменици-министри. Тирон Јајага, заменик-министер за одбрана и Вјолца Бериша, заменик-министер за земјоделство.
„Алијанса за Албанците ги избра најдобрите во своите редови за да раководат со нејзините ресори во владината коалиција. Овој тим ќе биде поддржан од голем број функционери именувани во многу дирекции и агенции во сите области од јавниот живот“, велат од Алијанса за Албанците.
Собраниските служби веќе го добиле предлогот за реконструкција на Влада, а одлучено е в понеделник да се гласаат новите министри и да се разрешат досегашните. Но, како што се чини нема сите членови на мнозинството да гласаат за новата Влада. Меѓу нив е и „огнената група“.
„Ова парламентарно мнозинство кое се прави наводно „Заедно за Европа“ е алијанса за спас на Артан Груби. Нема да гласам, ќе бидам против. Ќе ги изнесам моите ставови и ќе почекам да ја видам и програмата, да видам кои се кандидатите за министри“, вели Изет Меџити.
И Демократскиот сојуз на Павле Трајанов како коалиционен партнер на СДСМ нема да го поддржи новиот владин состав.
„Инаку, не сме подготвени да поддржиме нов партнер во Владата доколку се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија, делејќи ги граѓаните по етничка основа околу најавените уставни промени“, велат од Демократски сојуз.
Според ВМРО-ДПМНЕ, новите предложени кадри се срам за земјава. Додаваат дека станува збор за министри кои ќе ја одржуваат Владата во вештачка кома уште неколку месеци.
Но, од СДСМ велат дека земјава веќе има поголемо мнозинство за да спроведе реформи во правосудство, политика, економија, како и за членството на земјава во ЕУ.
Приклучувањето на АА во мнозинство би ја зголемило бројката на 72 пратеници, но доколку Алтернатива одлучи да излезе, оваа бројка би паднала на 69. Иако „огнената група“ и Трајанов не ги поддржуваат новите измени во Влада, бројките покажуваат дека и понатаму има просто мнозинство од 61 глас за гласање за реконструкција на Владата, освен ако не се случи нешто неочекувано.