Претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со сер Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан.

На средбата премиерот Ковачевски и специјалниот пратеник на премиерот Борис Џонсон, Стјуарт Пич, разговараа за натамошниот развој на силните и цврстите билатерални односи помеѓу Обединетото Кралство и Македонија.

Специјалниот пратеник на Обединетото Кралство, инаку поранешен шеф на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство и командант на Воениот комитет на НАТО, ја пренесе силната посветеност на Лондон за евроатлантската интеграција на Западен Балкан, како и на поддршката на неговата земја за промовирање силни, стабилни демократски институции и отворени општества.

Премиерот Ковачевски на средбата го истакна како особено значаен придонесот на Обединетото Кралство во поддршката на Македонија и на Западен Балкан во унапредувањето на условите за безбедност, стабилност и просперитет во земјата и во регионот.