Новите рестриктивни мерки против Ковид-19 ги испразнија кафулињата и моловите. Одлуката да се пие кафе и да се оди на шопинг само со потврда за вакцинација или прележан Ковид-19 пред 45 дена, ги затекна граѓаните. Некои не се вакцинирани, други не успеале навреме да обезбедат сертификат, трети пак заборавиле да го понесат со себе. Многумина се жалат дека имаат потврда, но немаат друштво за на кафе, бидејќи повеќето од пријателите не им се вакцинирани. Новите рестриктивни мерки започнаа со проверки од страна на редарските служби во поголемите трговски центри, а сертификати се бараат и при влез во кафулињата и рестораните.
На социјалните мрежи се води полемика околу мерките – најмногу на удар е одлуката да им се дозволи влез на оние коишто прележале Ковид-19 пред 45 дена, но се критикува и поделбата на граѓаните на вакцинирани и невакцинирани, што според дел од јавноста, ќе доведе до продлабочување на поделбите во општеството.
Зошто 45 дена?
„45 дена по прележаниот вирус луѓето ќе се добри за општеството и за здравствените власти, па ќе може да купуваат во Рамстор маркетот во Сити Мол, а 46-тиот ден се ‘непријател број 1’ и не може да влезат во Сити Мол, туку ќе треба да пазарат во Рамстор маркетот во Тафталиџе?“, реагираше Ивица Апостолов, претседател на Здружение на медицински лаборанти Клинички центар Скопје.
Горан Кунгуловски, биоинженер во Лабораторија за генетика и персонализирана медицина на клиниката „Жан Митрев“, смета дека природно имунизираните имаат слична заштита како вакцинално имунизираните со две дози. Природно имунизираните стекнуваат додатна заштита (2-3 пати) кон овој и најверојатно кон идни соеви, доколку се вакцинираат барем со една доза.
„Во моите, а и во сечии очи сметам дека природно имунизираните во најмала рака имаат слична заштита од Ковид-19 како и вакцинално имунизираните.Кога зборуваме за достигнување на колективен имунитет треба да зборуваме за збирот на вакцинирани, вакцинирани-прележани и прележани. Би сакал да ме едуцира некој од каде излезе ова со 45 дена. Недовербата кон науката се јавува поради политички дејствија, а не научни“, коментира Кунгуловски.
Многумина се жалат дека имаат потврда, но немаат друштво за на кафе, бидејќи повеќето од пријателите не им се вакцинирани
Вирусот како снајперист
Но, доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, вели дека вирусот е како најпрецизен снајперист – тивок, невидлив, подмолен. „Кога државата ни е преплавена со ’снајперисти’, нормално е да се ограничи движењето, за да се намалат жртвите“, вели тој. Беќаровски укажува дека „цивилите, кои не веруваат дека сме под вкрстен снајперски оган, еден ден ќе разберат дека ограниченото движење можеби им го спасило животот“. „Премногу жртви дадовме за да се надмудруваме“, вели тој.
Угостителите се жалат на мерките, кои сметаат дека требало да се пролонгираат барем до крајот на летото. Велат дека стравуваат за опстанокот на угостителските објекти и за обезбедување егзистенција за вработените, со оглед на тоа дека пандемијата им нанесе големи штети во изминатите речиси две години.
Лажни сертификати
Покрај угостителските објекти, со новите рестриктивни мерки без сертификат не може да се влезе ниту во обложувалници, казина и на спортски настани. За деца под 18 годишна возраст, ниту на граница ниту низ другите угостителски објекти нема да се бараат сертификати за вакцинација ниту доказ за прележан вирус во последните 45 дена.
Во меѓувреме лажни сертификати за Ковид-вакцинација се појавија на социјалните мрежи. Граѓаните не бираат начин како да дојдат до потребните документи кои ќе им овозможат враќање во нормалниот живот.
Според последните информации од Министерството за здравство, на вакциналните пунктови во државата и на терен, се вакцинирани вкупно 612.391 граѓани. Во земјата вкупно се аплицирани 1.097.855 дози вакцини, а ревакцинирани се 485.464 граѓани.