Легендарниот голман на Баерн Минхен и на германската репрезентација, Мануел Нојер, официјално потврди дека ќе ја заврши својата богата играчка кариера на крајот од тековната сезона.
Нојер, кој во март ќе наполни 41 година, објави дека дефинитивно заминува во пензија откако ќе му истече актуелниот договор со баварскиот гигант во јуни следната година.
Искусниот чувар на мрежата во последните месеци водеше постојана битка со незгодни повреди, а според најавите се очекува да се врати на теренот во декември, иако засега останува неизвесно дали повторно ќе го заземе местото на прв избор меѓу стативите.
Како негов природен наследник веќе се наметнува младиот Јонас Урбиг, а самиот Нојер потврди дека токму желбата за непречена транзиција во тимот одиграла клучна улога при носењето на неговата одлука.
„Претпоставувам дека нема да играм повторно по ова лето. Сега се обидувам да уживам во времето што ми преостанува. Исто така, размислувам за благосостојбата на клубот, за градење темели за иднината заедно со Јонас, така што Баерн ќе има врвен голман барем во следните десет години. Јонас е на одличен пат“, изјави Нојер.
Тој исто така истакна дека максимално е задоволен од развојот на младиот колега и дека заедничката работа им носи секојдневен мотив за напредок.
„Тој дава врвни перформанси за нашиот тим, што ме прави многу среќен. Секојдневно доаѓаме на тренинг со задоволство и секогаш се обидуваме да се мотивираме уште повеќе“, додаде Нојер.
