Помош од внатре при кражбата која ја опустоши електровлечната потстаница Драчево, во сопственост на Македонски железници – Инфраструктура. Извори од компанијата велат дека е речиси невозможно кражбата да била извршена без помош од нивни колеги, затоа што крадците имале многу информации што ги знаеле само ограничен број вработени и технички знаења потребни за таков зафат, пренесува „Телма“

Направиле штета од 5 милиони евра за да ќарат околу 100 илјади евра од продажба на бакар. Полицијата сè уште трага по крадците кои ги оштетија трансформаторите и го украдоа целиот бакар со што на подолг период ја оставија потстаницата надвор од функција. При кражбата, два трансформатори од по 27 тона биле поместени за 5 метри. Тоа укажува дека арамиите дошле спремни со специјализиран алат и механизација, односно хидраулични дигалки.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека се работи за филмски грабеж.

Тоа е нешто што може да го направат само високостручни луѓе, со висок напон на електрична енергија не може обичен човек да се справи, ниту таа механизација што е употребена таму не може да се најде каде било, изјави Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.

На прашањето како можел тоа никој да не го види и дали можеби има вмешани и луѓе од Железница, Николоски додава дека тоа е сработено во една ноќ буквално и очигледно од високопрофесионални крадци.

Јас сум убеден, но секако не ја водам јас истрагата, туку МВР, но јас сум убеден дека без луѓе од ЕВН и без внатрешни луѓе од Железница ова не може да се направи и веројатно тоа истрагата ќе го потврди, но оставам на МВР да ги процесуира оние коишто го направиле ова, вели Николоски.

Се работи за објект покрај пругите, надвор од населено место, кој е заграден и е под видео надзор. Потстаницата работи на висок напон од 25 илјади волти и струјата може да убие човек и со самото приближување до кабелот.

Крадците знаеле дека поради градежни работи на железницата струјата е исклучена и камерите не работат.

Истражителите подигнале траги, меѓу кои и ракавици од локацијата, но треба да утврдат дали им припаѓаат на крадците. Треба да се разговара и со евентуални сведоци и со вработени во Македонски железници, но и да се проверуваат отпади за метали, затоа што украдениот бакар мора некаде да заврши.

Вработени во фирмата пред две недели ја забележале кражбата и пријавиле во полиција, но нејасно е кога точно се случила, со оглед на тоа што подолг период била надвор од функција. Претпоставките се дека се случила во последните две недели пред откривањето.