Патничка која паднала од крузер во морето, на десетици наутички милји од брегот на Пелопонез, била пронајдена и спасена жива по речиси еден ден поминат во водата.
Според соопштението на крајбрежната стража, 44-годишната жена од Ел Салвадор била забележана во раните утрински часови во саботата, откако екипажот на товарен брод, кој учествувал во големата операција за пребарување и спасување, го забележал трепкавото светло на појасот за спасување што го носела.
Жената била пронајдена на околу 70 наутички милји југозападно од островот Закинтос, во Јонското Море.
Засега нема информации како паднала во морето и на кој начин дошла до појасот за спасување.
Таа била свесна кога била пронајдена. Припадниците на крајбрежната стража на спасувачкиот брод што ја презел ѝ укажале прва помош, по што била пренесена до пристаништето Катаколо, на западниот дел од Пелопонез.
Оттаму била префрлена во болница во блискиот град Пиргос „за медицинско набљудување и спроведување медицински прегледи“, се наведува во соопштението.
Властите биле известени рано во петокот дека жената паднала во морето од крузер што пловел под знамето на Бахамите, на околу 72 наутички милји југозападно од Закинтос.
Во потрагата по исчезнатата патничка биле вклучени два брода на крајбрежната стража, хеликоптер на воздухопловните сили и трговски бродови од поширокиот регион.
