Од партијата ВМРО-ДПМНЕ велат дека премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети имаат крвави раце, случајот Онкологија е мрежа на криминал од која има човечки жртви.

„Нино Васев и Нехат Нухи јасно е дека се дел од злосторството на Онкологија. Едниот го укина КАТО системот за дозирање на терапијата на болни од рак, другиот со лажни документи си го лекувал семејството на Онкологија. Едниот го гледаме на партиски настани на СДС, другиот во прегратка на Али Ахмети“, велат од партијата.

Според нив, надлежните како МВР и јавното обвинителство требаше да реагираат одамна, а кога веќе реагираа по предупредувања уште од пред две години, требаше веднаш по реакцијата да има некаков одговор во првите 24 часа.

„И сега можеби се договараат, можат да молчат колку сакаат, но на граѓаните се им е јасно. Ништо не ги мие, ниту СДС, ниту ДУИ ниту нивните сателити во криминалот. Сите се одговорни за скандалот на Онкологија. Дополнително, на сите им е јасно дека има огромна можност за влијание во истрагата и процесот. Токму затоа, оваа Влада треба да замине. Само така е можна реална истрага за овој скандал на Онкологија! Само така е можна правда“, дополнуваат од партијата ВМРО-ДПМНЕ.