Руските власти отворија кривична истрага против сибирскиот новинар Михаил Афанасиев, чиј портал објави критичка содржина во врска со руската инвазија на Украина, јавуваат руските медиуми.

Афанасиев, главниот уредник на порталот „Њу Фокус“ ​​во руската автономна република Хакасија, вчера беше уапсен од безбедносните сили затоа што напишал текст за 11 полицајци кои наводно одбиле да одат во Украина во рамки на руската „воена операција“ во таа земја.

Тој денеска е обвинет за „свесно ширење лажни информации“ за руските вооружени сили, за што законот усвоен на почетокот на март предвидува казна затвор до десет години.

Вчера уште еден новинар од Сибир, Сергеј Михајлов, беше уапсен под сомнение дека ги прекршил новите руски закони за медиумско покривање на ситуацијата во Украина.

Михаилов, основачот на неделникот Листок од република Алтај, е одведен во истражен затвор под обвинение дека повикувал на санкции против Русија.