Министерството за внатрешни работи на РС за „Независне новине“ од Бања Лука потврди дека Управата за криминалистичка полиција доставила кривична пријава против Савановиќ до Окружното јавно обвинителство во Бања Лука за злоупотреба на службената положба или овластување.
„М.С. е осомничен дека додека ја извршувал функцијата министер за труд и боречко-инвалидска заштита на Република Српска во текот на 2016 година, ја искористил својата службена положба и добил имотна корист за изведувачи кои имале договор со Министерството во износ од 1.314 милиони КМ (670 илјади евра) на штета на Министерството“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Република Српска.
Савановиќ ги негираше обвинувањата од извештајот, оценувајќи дека станува збор за политички прогон.
– Извештајот е обична глупост и јас нема да го коментирам. Ова е класичен политички удар за мене, а зад сè стои Социјалистичката партија (СП), која ми се одмаздува затоа што ја напуштив и влегов во Социјалистичката партија на Српска (СПС), рече Савановиќ.
Дел од членството на СП, на чело со Петар Џокиќ, ја напушти таа партија и го формираше СПС, чиј претседател е Горан Селак.