Финансиската полиција до Јавното обвинителство поднесе три кривични пријави против три физички и три правни лица за постоење на сомненија за сторено кривично дело фискално затајување од член 279 / 2 и 3 од Кривичниот законик. Со овие дејствија, според Финансиската полиција, пријавените во првите четири месеци од годинава нанеле штета на државниот буџет од над 295 илјади евра. Во извештајот на Финансиската полиција по акцијата против трговците на големо со овошје и зеленчук на Кванташкиот пазар стои дека управителите на овие субјекти не платиле ДДВ од 5 отсто на стоката со вредност од скоро 2 милиони евра (1.832.968). Според Кривичниот законик, казните за фискално затајување се до 300.000 евра или 3 години затвор.

„Регистрираните физички лица во својство на управители на регистрирани правни лица, свесно и со однапред одредена цел, заради противправна финансиска корист за себе и за правни лица, во периодот од 01.01.2023 до 25.04.2023 година, дел од значителен износ на купена комерцијална прехранбена стока евидентирана во магацинот во износ од 112.727.586 денари неосновано го присвоиле за себе и не се евидентирани во книговодствената евиденција на правните лица како недостиг и не ја пресметале, пријавиле и платиле вредноста на ДДВ со даночна стапка од 5% во износ од 5.636.379 денари и персонален данок на доход во износ од 12.524.718 денари“, велат од Финансиската полиција.

Од друга страна, Управата за јавни приходи како една од институциите кои учествуваа во акцијата на 8 април, на средба со новинарите соопштија дека немаат информации за даночно затајување. Тие, велат, се надлежни за наплата на даноците, па со години не алармирале за овие сомнежи, туку само констатирале прекршоци за фискалните сметки. Директорката Сања Лукаревска вели дека со закон не смеат да следат повеќе од 5 години наназад.

„При акцијата спроведена на 8 април на големопродажниот пазар Кванташки во Скопје, како и во Струмица и Дебар, констатиравме дека трговците не издавале фискални сметки, ниту доказ за продажба и не поседувале резервен уред за фактурирање. Откриени се случаи каде трговците декларирале нула добивка во текот на овие денови“, велат од УЈП.

Пазарниот инспекторат и Министерството за економија најавуваат дека акциите ќе продолжат и кај другите трговци и за секое кривично дело ќе пријават до надлежното обвинителство. Но, Царинската управа сè уште нема соопштено за резултатите во однос на фиктивните фактури на увозниците на овошје и зеленчук кои се осомничени дека од 2007 година фалсификувале фактури, декларирајќи пониски трошоци на стоката за да избегнат царина.

Ова исплива на површина дури кога цените на овошјето и зеленчукот беа замрзнати, па на зелените пазари трговците одбиваа да продаваат за 30% поевтино со тврдење дека на пазарите на големо производите ги набавуваат за поскапо. За замрзнување на цените надлежните како основа ги земаа царинските фактури на истата стока увезена главно од Турција, Грција, Албанија и Србија.