Големи гужви и долги колони се создадени утрово на граничниот премин „Евзони“ при влез во Грција, каде дел од патниците чекаат и до четири часа за да ја поминат границата.
Задржувањата се регистрирани на грчката страна од преминот. Од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека на граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги чекања ниту за влез, ниту за излез од државата.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива без застои, по суви коловози, а интензитетот на возила надвор од населените места е умерен.
Од АМСМ упатуваат апел до возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот, да ја почитуваат поставената сигнализација и да возат внимателно, особено на делници низ котлини, речни долини и клисури каде постои можност за појава на одрони.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
