Германскиот индустриски сектор губи околу 15.000 работни места месечно, предупреди генералната директорка на Здружението на германски индустрии, Тања Генер. Таа оцени дека состојбата е критична, но посочи дека сè уште постојат можности за пресврт доколку Германија ги подобри условите за инвестирање, иновации и индустриска трансформација.

„Убедена сум дека ако си ја завршиме домашната задача, повторно ќе ги имаме сите можности. Иновацијата долго време е врвен приоритет за многу компании“, изјави Генер. Според неа, вложувањето во нови технологии, меѓу кои и вештачката интелигенција, е клучно за закрепнување на германската индустрија и за зајакнување на нејзината позиција на светскиот пазар.

Таа посочи дека особено голем потенцијал има во индустриското производство, но на компаниите им се потребни политички услови што ќе ги охрабруваат инвестициите и ќе ја поддржуваат трансформацијата на секторот. Генер предупреди дека Германија ја влошила својата конкурентска позиција и дека секоја политичка одлука, и на национално и на европско ниво, треба да се оценува според тоа дали им помага на компаниите повторно да станат поконкурентни.

„Дали придонесува за конкурентноста? Дали им помага на компаниите повторно да станат поконкурентни?“, наведе Генер како прашања што, според неа, треба да се поставуваат при носењето на секоја нова политика.

Врз германската индустрија дополнително влијаат и геополитичките случувања, меѓу кои царинската политика на Соединетите Американски Држави и растечката индустриска доминација на Кина. Генер оцени дека овие надворешни притисоци доаѓаат во момент кога Германија веќе се соочува со наталожени структурни слабости.

„Навистина треба да одиме во теретана за да се ослободиме од вишокот килограми што ги акумулиравме во последните години“, рече таа, опишувајќи ја потребата од длабоки реформи и подобрување на деловното опкружување.

Здружението на германски индустрии претставува околу 100.000 компании, кои заедно вработуваат повеќе од осум милиони работници. Според Генер, токму комбинацијата од внатрешни слабости и надворешни економски и геополитички притисоци ја става германската индустрија под исклучително силен товар.