Новиот закон за финансиски друштва е целосно подготвен и веќе е поминато неговото последно читање. Една од клучните предвидени законски измени предвидува целосно укинување на исплатите и уплатите во готовина, кои во иднина ќе мора да се вршат исклучиво преку трансакциски сметки, информираше министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

За време на гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, министерката детално се осврна на актуелните случувања во овој сектор. Таа зборуваше за состојбите откако на дел од финансиските друштва веќе им беа одземени дозволите за работа, за тековните засилени контроли на терен, како и за финализирањето на новото законско решение.

„Го дискутиравме законот за финансиски друштва. Дефинитивно најмногу ми пречеше делот со кешот. Не може да има исплати во готовина, уплати во готовина и тоа е нешто што верувам дека финансиските друштва бурно ќе реагираат. Мора да оди преку сметки“, рече Димитриеска Кочоска.

Во однос на инспекциските надзори и контролата врз работењето на субјектите, министерката потсети на претходно преземените институционални чекори. Министерството за финансии уште во 2024 година испратило циркуларно писмо до сите друштва со строга опомена да ги почитуваат одредбите од членот 36 од Законот за заштита на потрошувачите, според кој одредени опомени и слични дејствија не смеат неовластено да им се наплаќаат на граѓаните.

„Уште во 2024 година, ние како Министерство за финансии имаме испратено едно циркуларно писмо до сите финансиски друштва, со напомена да се внимава токму на член 36 од Законот за потрошувачи, каде што одредени опомени, доставување на опомени и таков тип на дејствија, коишто ги преземаат финансиските друштва, не смеат да се наплаќаат, бидејќи точно тоа е наведено во Законот за заштита на потрошувачите“, посочи министерката.