Главниот протагонист во „Крпен рурален живот“ е Соња Пусоска од Свето Митрани, храбра рурална жена и мајка на три деца која секојдневно се соочува со низа животни проблеми во својата земјоделска и сточарска работа.
– Се малтретирам со децата, ние на тутун, сами оставени да седат, што се вика на Господ. Прво ќе се прекрстам, па ќе берам тутун, дури береме ги мислам, вели Пусоска, според која трудот на село воопшто не ценет, ниту платен.
Во просек 45 отсто од вкупниот број вработени во земјава се во руралните средини. Регистарот на земјоделски стопанства лани забележал 175 088 регистрирано земјоделско стопанство. Од нив, 38 328 се регистрирани жени како носители на земјоделски стопанства согласно податоците на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според Марина Тошеска од ЛАГ „Агро лидер“, најголемиот дел од работниците во Македонија во неформалната економија се жени.
– Самиот сектор земјоделство во нашата држава сè уште спаѓа во неформалната економија. Според последните статистички податоци 52,3 проценти од работниците се во неформалната економија, а најголем дел од овие работници се жени коишто најмногу спаѓаат во категоријата на домашни работници и неплатени семејни работници, посочи Тошеска.
Автор на краткиот документарен филм „Крпен рурален живот“ е новинарката Христина Ѓорѓиевска, која е и режисер заедно со Крсте Шупев, кој е директор на фотографија. Продуценти на документарниот филм се Мите Кузевски и Горан Игиќ.
Тимот на „Види вака“ соопшти дека ќе продолжи и во иднина да ги покрива темите кои ги засегаат ранливите и маргинализираните групи и да поттикнува унапредување на човековите и работнички права преку медиумски содржини.