Во денешна акција на косовската полиција против производство и трговија со наркотици во северниот дел на Митровица се откриени три лаборатории и уапсени се две лица.

Косовската полиција соопшти попладнево дека во тек е операција во врска со наркотици во регионот Митровица Север.

Дел од акцијата бил спроведен во северниот дел на Митровица, во објект кој се наоѓа непосредно зад зградата на основниот суд, во близина на притворниот центар, пренесува Коссев.

Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља потврди дека е идентификувана и уништена лабораторија за производство на марихуана, и дека сопственикот е уапсен.

„Косопственик на веќе уништената лабораторија е лице кое минатиот месец ја нападна косовската полиција на Бистрички мост, додека еден од уапсените во оваа акција е негов брат“, наведе Свечља.

Тој тврди дека станува збор за „криминални структури кои агилно ги штити (српскиот претседател Александар) Вучиќ“, пишува Коссев.

Во меѓувреме со ново соопштение се огласи полицијата, наведувајќи дека во северниот дел на Митровица всушност се откриени три лаборатории и дека се уапсени две лица.

Се наведува дека акцијата со коден назив „Меч“ е извршена на три локации.

„За време на спроведувањето на оваа акција против наркотици се откриени три лаборатории: две лаборатории со околу 1.200 наркотични билки, како и трета лабораторија (без билки) со софистицирана опрема“, се наведува во соопштението.