Се чини дека бадијала беа протестите на ФК Тетекс и ЖФК Љуботен за тоа дека тие како клубови немаат каде да ги играат своите натпревари. Исто така претставници на овие клубови најавија и протести, а денеска со свое соопштение излезе и Општината Тетово, во кое покрај другото се вели дека на Градскиот стадион под Шара ќе можат да се играат натпревари од ПМФЛ, потоа од Купот на Македонија како и меѓународни мечеви, објави Спортспорт.

Што значи Тетекс нема да добие дозвола, како второлигаш да игра на “својот“ стадион и дека истиот ќе може да го користи само Шкендија.

Еве што се вели во соопштението на Општина Тетово:

Општина Тетово отсекогаш постапувала транспарентно и одговорно кога бил во прашање соживотот меѓу заедниците. Во оваа насока, реакцијата на двата фудбалски клуба во однос на користењето на спортските терени во нашиот град е јасно кршење на оваа традиција на транспарентност и одговорност.

Нивната последна реакција беше сосема непотребна и неодржлива. Средба со претставници на клубовите имаше и се постигна јасен консензус. Градскиот стадион да се користи само за фудбалски натпревари во Првата лига на Северна Македонија и меѓународни фудбалски натпревари, но и за натпревари од особено значење, како на пример полуфинале и финале во Купот на Македонија.

Од овој аспект, општина Тетово покажува решеност да гарантира дека овој стадион треба да биде опремен со сите потребни услови и стандарди,како еден модерен и функционален објект кој ќе ги исполни сите барања на спортска арена од високото ниво во нашиот град.

За екипите кои настапуваат во пониските лиги, општината има јасен став: ќе се уредат и други терени опремени со сите потребни услови за спортски натпревари. Така, еден терен ќе се гради кај Спортскиот центар во градот, а друг во село Сараќино. Двата терени ќе бидат опремени со потребната инфраструктура, вклучително и соблекувална за тимовите и канцеларии за клубовите.

Со овие чекори, Општина Тетово ја потврдува својата посветеност за унапредување на спортот на високо ниво, транспарентност и правда за сите заедници кои живеат во нашиот град.