Времето утре ќе биде променливо облачно и студено, додека во текот на денот ќе има сончеви периоди. Оваа временска прогноза ја најави Управата за хидрометеоролошки работи.

Во раните утрински часови во источните делови од земјата наместа ќе провејува слаб снег. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла, а ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Утринските температури на воздухот насекаде низ државата ќе се спуштат под нулата. Најстудено утро ќе има во Маврово, каде утринската температура ќе достигне до минус 8 степени, додека најтопло ќе биде во Гевгелија со максимална дневна температура до 4 степени Целзиусови.

Во Скопје времето ќе се задржи променливо облачно и студено, со повремени сончеви периоди во текот на денот. Во главниот град ќе дува слаб ветер од северен правец, а температурата ќе се движи во интервал од минус 6 до 1 степен.

Во текот на претстојната седмица метеоролозите најавуваат стабилно, но исклучително студено време. Утринските температури насекаде ќе останат негативни, а во одредени предели и дневните вредности ќе се задржат под нула степени Целзиусови.

По одделни котлини низ републиката ќе продолжат условите за утринска појава на магла, а ќе продолжи да дува слаб до умерен ветер од северен правец.