Во координирана полициска акција на 23 април, под раководство на јавен обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, разбиени се организирани криминални групи кои вршеле нелегална набавка, транспорт и продажба на лекови и медицински помагала. При акцијата се лишени од слобода 14 лица, меѓу кои лекари од ЈЗУ „8 Септември“ и од Универзитетската клиника за дерматологија, сопственици на дерматолошки ординации, како и организатори на транспорт и дистрибуција на нелегално внесена стока.

Според информациите, осомничените вршеле естетски интервенции со филери, ботокс и хијалурон кои не се регистрирани и немаат одобрение за употреба во Македонија. Против нив се поднесени кривични пријави за злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост, неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп.

Врз основа на судски наредби, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола. При претресите се пронајдени и одземени поголеми количини медицински лекови и помагала – филери, ботокс и хијалурон, како и 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци и 26.000 денари. Одземено е и патничко возило „Порше“, поголема количина парфеми со декларации, мобилни телефони, тревкаста материја и други предмети.

Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги поднесе кривични пријави против 19 физички лица и шест правни лица. Дел од осомничените се товарат за кривичните дела повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, како и за злосторничко здружување, додека едно лице се товари и за примање поткуп.

Според истрагата, во текот на 2026 година осомничените формирале злосторнички здруженија со подрачје на делување во Скопје и Источна Македонија, а во активностите биле вклучени повеќе лица и правни субјекти од Скопје и Битола. Со намера да стекнат противправна имотна корист од големи размери, тие набавувале фалсификувани медицински лекови и помагала, меѓу кои и ботокс, од Србија, Кореја и Турција. Овие производи нелегално биле внесувани во Македонија, складирани, дистрибуирани и продавани, а потоа и аплицирани на трети лица, најчесто од лица со медицинска професија.

Иако биле свесни дека станува збор за лекови и медицински помагала кои не се увезени согласно законските прописи, немаат одобрение од МАЛМЕД и немаат соодветни упатства и декларации, осомничените продолжиле со нивна употреба, со што предизвикале опасност по здравјето на граѓаните.

Еден од осомничените, царински службеник, се товари дека примил поткуп во два наврати за да овозможи влез на нелегалната стока без да биде извршена царинска контрола.

Обвинителството информира дека истрагата опфаќа и блиски сродници на дел од осомничените, кои иако знаеле за нелегалните активности, учествувале во преземање, складирање и чување на лековите и медицинските помагала во своите домови.

Јавниот обвинител предложи определување мерка притвор за 12 осомничени, додека за останатите се предлагаат соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на постапката.