Започнува спроведувањето на законското решение чија цел е заштита и унапредување на употребата на македонскиот литературен јазик. Законот предвидува формирање Инспекторат за употреба на македонскиот јазик, а министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изјави дека за негово целосно профункционирање се потребни повеќе системски чекори.
Секоја институција ќе треба да вработи лектор
Според Љутков, новото законско решение предвидува секоја институција да има лектор во своите редови. Донесена е одлука инспекторатите да не дејствуваат како посебни правни субјекти, туку да бидат директно вклучени во составот на Министерството.
Веќе е назначен директор на Инспекторатот и подготвена е нова систематизација, а објавен е и конкурс за вработување лектори, за кој, според министерот, постои голем интерес.
Најмалку една година обука за идните инспектори
Избраните лектори ќе мора да поминат обука во времетраење од најмалку една година пред да можат да станат инспектори. Тие потоа ќе работат на терен и ќе ја контролираат правилната употреба на македонскиот јазик.
Љутков оцени дека лекторството во моментов е запоставена, но една од најважните професии во државата. Тој потсети дека во минатото институциите редовно вработувале лектори и дека грижата за правилната употреба на јазикот била на повисоко ниво.
Недостиг од лектори во театрите, медиумите и институциите
Како пример, министерот ги посочи театрите, каде што лекторите се грижеле актерите правилно да го употребуваат јазикот и да избегнуваат дијалекти и акцентски грешки. Откако овие стручни лица заминале во пензија, нивните работни места постепено згаснале, поради што театрите повеќе од десет години немаат лектори.
Според Љутков, сериозен недостиг од лектори има и во медиумите, како и во најголемиот дел од институциите. Тој смета дека враќањето на лекторите и воведувањето јазични инспектори треба да придонесат за надминување на проблемите со употребата на литературниот македонски јазик во јавниот простор.
