Напаѓачот на Барселона и полски репрезентативец Роберт Левандовски изјави оти е уверен дека наградата „Златна топка“ за најдобар фудбалер во светот идната година ќе му биде доделена на фудбалерот на ПСЖ Лионел Меси.

Меси со репрезентацијата на Аргентина триумфираше на Светското првенство во Катар и го освои единствениот голем трофеј што му недостасуваше во кариерата.

„Мене веќе ми е јасно кој ќе го добие најголемото индивидуално признание. Точно е дека постои уште еден играч од истиот клуб, како конкурент за наградата, но само еден од нив го освои Мундијалот, а тоа е Лео Меси. Тоа ќе биде решавачки фактор, а Меси го постигна тоа што му е најважно и сега може да ужива во тоа“, изјави Левандовски.

„Златната топка“ за минатата сезона ја освои напаѓачот на Реал Мадрид, Французинот Карим Бензема, кој поради повреда го пропушти Мундијалот во Катар.