Критика за новото раководство на СДСМ

На вчерашното гостување во емисијата „Анализа 24“ на 24 Телевизија, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, го коментираше новоизбраното раководство на СДСМ и назначувањето на заменик-претседателката Фани Каранфилова-Пановска.

„Кога ќе се разгледа составот на нивното централно раководство, јасно се гледа дека тоа се истите луѓе кои во минатото беа носители на највисоките функции во владите на СДСМ. Тие функции резултираа со најголемиот пораз на партијата во историјата, а последицата беше најслабиот изборен резултат на СДСМ. Од тоа може да се заклучи дека тие личности немаат капацитет да донесат ништо ново во партијата.“

Тој додаде дека, иако од партиска перспектива вакво слабо СДСМ му одговара на ВМРО-ДПМНЕ, тоа не е добро за државата.

„Од друга перспектива, премиерот постојано истакнува дека е неопходно обединување и конструктивна опозиција. Иако од гледна точка на ВМРО-ДПМНЕ вакво СДСМ, кое е слабо и без идеја, може да биде поволно за нас како партија, тоа не е во интерес на државата. Ни треба конструктивна опозиција за претстојните предизвици со кои ќе се соочи Македонија,“ додаде тој.


Инцидент во Собранието: Левица живее од провокации

Петрушевски се осврна и на инцидентот што се случи во Собранието помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Според него, Левица користи провокации и тензии за да биде забележана, наместо да понуди конструктивни решенија.

„Ова е ситуација која се случува за прв пат, бидејќи за прв пат се користи оваа алатка за поставување опозициски прашања. Веднаш се забележува она што Левица постојано се обидува да го прави, а тоа е создавање театар и циркус во Собранието. Најдобар пример за тоа е фактот што Крмов е потписник на писмо за најава на поставување пратенички прашања. Согласно деловникот, секоја пратеничка група од опозицијата треба до претседателот на Собранието однапред да најави кој пратеник ќе постави прашање и кому тоа прашање ќе биде упатено. Ова се прави за да се осигура присуството на министрите на кои им се поставуваат прашањата,“ објасни Петрушевски.


Апел за принципиелност во работата на Собранието

Петрушевски ја објасни процедурата за поставување пратенички прашања и истакна дека е важно да се воспостават јасни принципи за функционирање на Собранието.

„Што направи Левица? Како и секогаш, интриги и позадина, а никогаш суштина. Најпрво го сменија редоследот на оние кои требаше да поставуваат прашања. Нашиот координатор мораше процедурално да излезе и да укаже дека е во ред – тука е премиерот, и тој ќе одговори на поставеното прашање. Но, мора да воспоставиме принципи за работа во иднина. Ако е најавено прашање до одреден функционер, тогаш тоа прашање треба да се постави токму на таа личност, а не на некој друг.

Доколку ова се дозволеше и поминеше неприметно, ќе се воспоставеше пракса каде што утре тие ќе најавуваат прашања до еден министер, а потоа ќе излегуваат и ќе поставуваат прашања до друг министер, кој можеби нема да биде во салата во тој момент. На овој начин ќе правеа циркуси и создаваа тензии. Провокациите и насилството се единствените методи кои Левица ги користи за да биде забележана. Од нив не можете да видите конструктивен предлог или идеја за решавање на некој проблем,“ изјави Петрушевски.


Петрушевски остро ги критикуваше Левица за провокации и недостаток на конструктивност, додека изрази разочарување од новото раководство на СДСМ, наведувајќи дека партијата не носи свежи идеи за решавање на предизвиците во Македонија.