Таа бројка, заедно со 1.500-те инјектирања со инсулин годишно заокружува околу 5.000 боцнувања.

Ова е една меѓу низата трауми кои ги доживуваат лицата со дијабетес, додека истражувањата покажуваат дека 51 отсто од децата страдаат од нарушување на спиењето поради ноќни мерења и внесувања на корективни дози на инсулин, а 63 отсто од децата имаат барем една епизода на тешка хипогликемија за време на спиењето.

Системите базирани на континуирано мониторирање на гликозата изминативе години станаа достапни насекаде во светот за лицата со дијабетес, особено со тип 1. Овој метод на континуирано, 24 часовно следење на глукозата, е потполно безболен. Вметнатата вештачка интелегенција или алгоритмите на овие системи, покрај мерењето нудат и показатели, односно трендови на идно движење на шеќерот во крвта – дали тој ќе биде стабилен, односно дали ќе расте или паѓа и дали тие падови и растови ќе бидат бавни или нагли, предвидување на хипо или хипергликемии во реално време.

Овие сензори, како што вели Наташа Деспотовска Димитриевска, родител на дете со дијабетес тип 1, претседател на „БАЛАНС МК“ – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија, и сертифициран дијабетес едукатор, само во Македонија останаа сè уште во сферата на научно-фантастичното.

– На нам, луѓето кои живееме со ова слатко чудовиште – дијабетесот, од исклучително значење ни се овие сензори кои за жал ги набавуваме сами, од трети лица и земји, оптоварувајќи ги домашните буџети за најмалку 150 евра месечно. Никаде во светот не е така, за жал, особено за децата со дијабетес. Државите се грижат за своите граѓани и поколенија, но, во Македонија, немаме никаков избор. Барем да имавме некаква можност, со која во секое време би имале прецизен увид во движењето на шеќерот во крвта на неинвазивен начин, а со што значително би ја подобриле и контролата на оваа хронична состојба со која живееме, вели Деспотовска Димитриевска.

Првото официјално Барање за обезбедување на медицинско помагало – системи за континуирано безболно мерење на гликемија, „БАЛАНС МК“ – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија, го поднело на 14 ноември 2017 година и било адресирано до: Фонд за здравствено осигурување, Министерство за здравство, Комисија за здравство како и кабинетот на премиерот при Влада на Република Северна Македонија.

– Оттогаш беа реализирани ред средби со претставниците на посочените институции и, освен утврдувањето на фактичката состојба дека се и преку-потребни, особено за нашите деца со дијабетес, и ветувањата од посочените инстанци за нивна набавка, како и нашиот минус во домашните буџети, нема ништо од сензорите, појаснува Деспотовска Димитриевска.

Дополнува дека речиси и да нема врата, а која има допирна точка со набавка на медицински помагала во државава, на која не тропнале, а, како што вели, во тек е и потпишувања на петицијата насловена „За живот со помалку болка“ а која до сега е потпишана од околу 6.000 лица. Од здружението поднеле и претставка до Народниот правобранител на Северна Македонија, од каде, како што, како што вели Деспотовска Димитриевска, добиле одговор дека таков производ кај нас не е регистриран, па затоа и е недостапен.

На прашање од МИА за информација до каде е реализирањето на набавката на системите за мониторирање на гликоза базирани на сензор, од Министерството за здравство одговорија само дека се преземени сите потребни активности за реализирање на набавката на системите за мониторирање на гликоза базирани на сензор, за деца и млади лица.

Добрата контрола на гликемијата ги намалува ризиците од развивање на долгорочни здравствени компликации

Статистиките покажуваат дека корисниците на овие системи поминуваат околу 40 отсто помалку време во хипогликемија од оние кои мерат гликемија со боцкање на прстите. Почестото мониторирање значи подобра контрола на гликемијата. Оние корисници кои имале највисока честота на скенирање постигнале просечен гликозилиран хемоглобин (HbA1c) од 6.7 проценти. Според најдолгата светска студија, која траела цели 30 години (1982-2013), пациентите со дијабетес кои одржувале ниски нивоа на HbA1c, пониски од 7 проценти, имале значително помалку компликации од пациентите со лоша контрола и тоа, 57 отсто намалување на срцевите заболувања, мозочни удари и кардиоваскуларна смрт, 39 отсто пониска инциденца на рани знаци на бубрежни оштетувања, 61 отсто помала инциденца на високи нивоа на протеин во урината и 46 отсто понизок ризик од ретинопатија.

Д-р Зоран Гучев од Универзитетската клиника за детски болести за системите за мониторирање на гликоза базирани на сензор вели дека тоа е една од револуциите во дијабетологијата во последните години и треба да ја има секој што има дијабетес.

– Неопходноста е апсолутна, бидејќи е мачно, болно и непријатно децата да се боцкаат по пет-шест пати, за разлика од сензорот кој го лепиш и не чувствуваш дека е на тебе и истовремено во секој момент ви кажува колку е шеќерот и врз основа на тоа прави крива, ја кажува вредноста и кажува на каде има склоност да оди шеќерот, надолу, да остане ист, или, да се качуваа нагоре, појаснува д-р Гучев кој дополнува дека квалитетот на животот со сензори е неспоредлив

Токму со таа самостојна регулација на шеќерот, смета д-р Гучев, дека подоцна, по неколку децении, ќе има помалку компликации со што истовремено ќе се олесни на здравствениот систем бидејќи овие луѓе нема да имаат потреба од третирање на компликации на очи и бубрези како што се дијализа и трансплантација.

Несомнено е дека болката, стресот и борбата со ова „слатко чудовиште“ се ублажува кога со овие системи, оние седум до осум пати дневни боцкања на прстите се заменуваат со едно на 14 дена за апликација на сензорот. Родителите, исто така, можат да ја мерат ноќната гликемија на децата без да мора да ги разбудат. А има и аларми кои се активираат при ниско или високо ниво на шеќер во крвта. И сето тоа, на крајот, освен што го подобрува квалитетот на живот на засегнатите лица, поштедува од идни здравствени компликации и дополнителни трошоци.