Лидерот на републиканците во Сенатот на САД, Мич МекКонел ја повика американската администрација да преземе итни мерки за да ја запре офанзивата на талибанците против авганистанскиот главен град Кабул, вклучително и со воздушни напади.

– Не е предоцна да се запрат талибанците да го опустошат Кабул. Администрацијата мора брзо да дејствува и да изврши воздушни напади против талибанците што напредуваат, да обезбеди критична поддршка за авганистанските национални одбранбени сили кои го бранат главниот град и да спречи пад на градот, што сега изгледа неизбежен, изјави тој.

Во спротивно, „заканата по безбедноста на САД дефинитивно ќе се зголеми, а хуманитарните загуби за невините Авганистанци ќе бидат катастрофални“, додаде МекКонел, истакнувајќи дека за ова прашање разговарал со авганистанскиот амбасадор во Вашингтон.