Просторот кај поранешната касарна во Охрид има потенцијал за млади луѓе, кои ќе воспостават нови стартапи, со нови иновативни идеи, заклучи професорот Мајкл Мизрахи основач на Старт ап центар во Ерусалим.
По денешната посета на објектот, како дел од проектот „Охрид ГО“, сподели дел од своето искуство за преадаптација на просторот во стартап центар.
– Голем дел од нашите девелопери се вклучени во вакви стартапи и тука има огромен потенцијал. Зошто и вие како место со ваков потенцијал од областа на ИТ, да не бидете следните што ќе работат на такви идеи и иновации, со кои ќе се поддржи локалната економија, рече Мизрахи.
Нагласи дека 25 отсто од економијата му припаѓа токму на овој сектор, посочувајќи дека доколку се изреализира проектот ќе придонесе многу за локалната економија.
– Луѓето кои работат во ИТ секторот придонесуваат и за локалните бизниси, плаќаат даноци, посетуваат ресторани, ја промовираат заедницата, изјави Мизрахи.
Ѓоко Апостолов од Секторот за локален и скономски развој при Општина Охрид смета дека е значајно искуството од експерти во оваа област во целиот свет.
– Целта ни е да ги задржиме младите луѓе тука, да ги вклучиме, односно мобилизираме со тоа што ќе им овозможиме одлични услови за работа во Старт ап центарот или во Иновативниот Хаб, изјави Апостолов.
Општината, посочи, сака да овозможи услови за нивна работа и да придонесе за поврзување преку гостување на експерти, насочени кон обуки за оние кои сакаат да творат да ја искористат креативноста и желбата за работа, но и да се вмрежат за натамошно надградување на нивните идеи.