Патниците кои ја користат лондонската транспортна мрежа повеќе нема да мора да носат маски за лице од 24 февруари, но препораката за нивно носење останува валидна, соопшти денеска Транспортот за Лондон (TFL).

-Задолжителното носење маски за лице повеќе нема да биде услов за транспорт од 24 февруари, но на патниците и на персоналот топло ќе им се препорача да ги носат доколку се во можност, се вели во соопштението на ТФЛ, пренесува Ројтерс.

Британскиот премиер Борис Џонсон во понеделникот во Парламентот ја објави одлуката за укинување на сите преостанати епидемиолошки мерки воведени во Англија за борба против корона вирусот.

Исто така, донесена е одлука луѓето кои се позитивни на корона вирусот повеќе да не мора да одат во задолжителна самоизолација.