Велика Британија нема да прифати заплашување и закани од групи поврзани со Иран на британска територија, му порачал британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд на својот ирански колега Абас Арагчи. На средбата во Њујорк, Милибанд побарал Техеран да се насочи кон дипломатија и деескалација на војната на Блискиот Исток. Повторно повикал и на итно ослободување на британските државјани Крег и Линдзи Форман, кои се затворени во Иран.

Двајцата министри се сретнале синоќа на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации. Според британското Министерство за надворешни работи, разговорите ги опфатиле војната на Блискиот Исток, потребата од повторно отворање на Ормуската Теснина и „непоколебливата решеност на Велика Британија да се спротивстави на заканите од групи поврзани со Иран на британска територија“.

Во соопштението се наведува дека Милибанд му порачал на Арагчи оти Иран треба да избере деескалација и дипломатско решение, наместо да продолжи со војната. Посебно внимание било посветено на последиците од нарушената пловидба низ теснината.

– Тој ја нагласи важноста од обновување на слободата на пловидба и целосно повторно отворање на Ормуската Теснина, истакнувајќи го влијанието што континуираното нарушување го има врз глобалната безбедност и економската стабилност, стои во коминикето.

Британското министерство посочува дека Милибанд ја потврдил решеноста на Лондон да се спротивстави на заканите од групи поврзани со Иран. Во тој контекст биле споменати и нападите врз британската еврејска заедница.

– Министерот за надворешни работи јасно стави до знаење дека Велика Британија нема да толерира заплашување, закани или непријателски активности на британска територија и ги изложи мерките што Владата ги презеде како одговор, се додава.

На средбата било отворено и прашањето за притворените Крег и Линдзи Форман од Источен Сасекс. Иранските власти ги уапсиле во јануари минатата година, додека со моторцикл патувале низ земјата. Двајцата во моментов се наоѓаат во затворот „Евин“ во Техеран.

Милибанд повторно побарал нивно итно ослободување, нагласувајќи дека „грижата за нив останува приоритет за Владата“.