Администрацијата на Доналд Трамп побара итна интервенција од Врховниот суд на САД за да продолжи со депортирање мигранти во држави што не се нивни земји на потекло. Барањето се однесува на отстранување без претходно да им се овозможи да ги изнесат стравувањата дека во тие земји би можеле да бидат изложени на кршење на човековите права. Депортациите практично беа запрени со одлука на федерален апелациски суд.
Министерството за правда го поднесе итното барање вчера, откако Апелацискиот суд на САД за Првиот округ, со седиште во Бостон, одлучи во средата доцна навечер да ја ограничи примената на политиката. Од Врховниот суд се бара веднаш да издаде „административна“ суспензија на одлуката, со што повторно би се овозможиле летовите за депортација.
Според Министерството, по одлуката на понискиот суд веќе биле откажани летови, а речиси 150 мигранти биле симнати од летовите со кои требало да бидат пренесени во најмалку четири различни земји.
Генералниот правобранител на САД пред Врховниот суд, Д. Џон Сауер, кој ја застапува администрацијата пред највисокиот суд, наведе дека одлуката создала значителни практични тешкотии за имиграциските власти. Покрај откажаните летови и зголемените трошоци, тој посочи на можни дипломатски компликации и проблеми при отстранувањето мигранти што се сметаат за опасни криминалци.
Во поднесокот, Сауер оцени дека одложувањето на депортациите може да биде во корист на некои мигранти, но дека не е во интерес на земјата.
Врховниот суд веќе постапуваше по ова прашање. Пред повеќе од една година пресуди во корист на администрацијата, по што депортациите продолжија. Тогаш дозволи политиката да остане во сила и покрај приговорите на судијките Соња Сотомајор, Елена Каган и Кетанџи Браун Џексон.
Највисокиот суд подоцна повторно одлучи во корист на администрацијата во случај поврзан со група мигранти што неколку недели биле задржани во американски воен објект во Џибути.
Политиката за депортации во трети земји беше воведена минатата година, како дел од пошироките мерки на администрацијата на Трамп за спроведување на имиграциските закони. Со неа, дел од мигрантите се испраќаат во држави со кои немаат лични или семејни врски.
Ваквиот пристап е одговор на долгогодишниот проблем со кој се соочуваат американските администрации кога земјите во кои треба да бидат депортирани мигрантите не се подготвени да ги прифатат. Во одредени случаи, пречка се затегнатите дипломатски односи со Вашингтон.
Политиката предизвика особено внимание откако организации за заштита на правата на имигрантите открија дека група луѓе, првично предвидени за депортација во Јужен Судан, наместо таму биле задржани во Џибути. Меѓу нив имало мигранти од Куба, Виетнам и Лаос, а според извештаите, биле сместени во пренаменет транспортен контејнер. Досега, според оваа политика, се депортирани околу 25.000 мигранти.
Во основата на правниот спор е Конвенцијата против тортура, ратификувана од американскиот Сенат во 1994 година. Со неа општо се забранува депортирање или екстрадирање лица во земји каде што би можеле да бидат изложени на мачење.
Сепак, законот не утврдува јасно на кој начин владата треба да го проценува ризикот од тортура, ниту какви процесни гаранции треба да добијат мигрантите пред да бидат отстранети од САД.
Врховниот суд им даде рок до понеделник попладне на организациите за правата на имигрантите што ја оспоруваат политиката да достават одговор на итното барање на администрацијата.
