Лукашенко, исто така, предупреди дека Белорусија цврсто ќе застане зад својот сојузник Русија доколку украинските власти започнат офанзива против бунтовниците во источна Украина, поддржани од Москва.
На средбата со највисоките претставници на белоруската армија, Лукашенко рече дека граничарите пронашле тела на двајца мигранти оставени на границата во текот на викендот.
-Во вреќа за спиење ставиле тело, или веројатно жив човек и го фрлиле на границата. Каква одвратност, тврди Лукашенко.
Литванија ги отфрли обвинувањата.
Литванските граничари го отфрлија тврдењето на Лукашенко, наведувајќи дека белоруските власти постојано се обидувале да исценираат тепање, осакатување или смрт на мигранти и да ја обвинат Литванија за таквиот „нехуман третман“.
Европската унија го обвинува Лукашенко за „хибриден напад“ врз блокот од 27 земји, односно за охрабрување на мигрантите да се преселат од Белорусија во членките на ЕУ, Полска и Литванија. Брисел тврди дека тоа е одмазда на Лукашенко за санкциите што Унијата му ги воведе поради минатогодишната репресија на антивладините демонстранти.
Белоруските власти ги отфрлаат тие обвинувања и возвраќаат со тврдења дека ЕУ не обезбедила безбеден премин за мигрантите.