Комитетот порача дека Мачадо е симбол на храброста и демократските вредности во Латинска Америка

Марија Корина Мачадо, венецуелската опозициска лидерка и симбол на отпорот против режимот во Каракас, е добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година.

Во објава на платформата Икс, Нобеловиот комитет соопшти дека наградата ѝ се доделува на Мачадо „за нејзината неуморна работа во промовирањето на демократските права за народот на Венецуела и за нејзината борба за постигнување праведен и мирен премин од диктатура во демократија“.

„Нобеловата награда за мир за 2025 година оди кај жена што го одржува пламенот на демократијата, среде растечката темнина,“ се наведува во соопштението.

Од комитетот нагласуваат дека Мачадо претставува еден од „најизвонредните примери на храброст во Латинска Америка во последно време“ и дека нејзината улога како обединувачка фигура во земјата е од суштинско значење за политичката иднина на Венецуела.

Претседателот на Нобеловиот комитет изјави дека „токму ова лежи во срцето на демократијата, нашата заедничка подготвеност да ги браниме принципите на народното владеење, иако не се согласуваме“.

„Во време кога демократијата е под закана, поважно е од кога било да се брани оваа заедничка основа,“ додаде тој.

Меѓу номинираните за годинашната награда, како што пренесува Би-би-си, бил и американскиот претседател Доналд Трамп, кој водел јавна кампања за да ја добие, но номинациите биле затворени уште во јануари – на почетокот на неговиот втор мандат.