Вашингтон – Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс денеска не ја отфрли можноста да биде сведок на обвинителството доколку на поранешниот американски претседател и неговиот поранешен шеф Доналд Трамп им се суди под обвинение дека се обиделе да го поништат резултатот од претседателските избори во 2020 година.

Пенс за Си-Би-Ес, запрашан дали ќе биде сведок на обвинителството ако Трамп оди на суд, изјави дека не планира да сведочи, но не ја отфрли можноста, пренесе Ројтерс.

„Но, луѓето можат да бидат уверени дека ќе го почитуваме законот, дека ќе одговориме на правните покани, доколку дојде до тоа, и дека само ќе ја кажеме вистината“, рече Пенс, кој е противкандидат на Трамп на претседателските избори на Републиканската партија во 2024 година.

Специјалниот обвинител Џек Смит во вторникот поднесе обвинение против Трамп со четири точки, кое го товари поранешниот претседател за измама на САД, заговор за попречување на официјална постапка (пренос на власта), попречување и обид за попречување на службена постапка и кршење на права гарантирани со законите и Уставот на Америка. Според обвинението, Трамп постојано го притискал Пенс да не ги одобрува гласовите на Изборниот колеџ. Во еден момент, Трамп наводно му рекол на Пенс дека е „премногу фер“. Потенцијалното сведочење на Пенс и неговите белешки би можеле да станат клучни елементи на обвинителството во судењето на Трамп.

Вчера Трамп првпат го нападна Пенс за време на кампањата за претседателски кандидат на партијата. Тој негираше дека го нарекол „премногу искрен“ и го опиша како измамен човек. Трамп го нарече Пенс и „малиот Мајк Пенс“.