Муртезани по преземањето на претседавањето со ЕУСАИР: „Ќе градиме не само патишта, туку и мостови на разбирање и солидарност“
Република Северна Македонија денеска официјално го презеде претседавањето со Јадранско-јонската иницијатива и Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР), на свечена церемонија одржана на Крит. Претставувана од министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, земјата влегува во клучна улога во еден од најважните регионални механизми за соработка и развој.
Муртезани: „Интеграцијата во ЕУ е генерациска приказна“
Во своето обраќање пред регионалните партнери и претставници од Европската комисија, министерот Муртезани подвлече дека улогата на Северна Македонија не е симболична, туку суштинска. Тој потенцираше дека интеграцијата во ЕУ не е само прашање на надворешна политика, туку приказна на една цела генерација која стреми кон европски вредности, стабилност и развој.
„Поврзаноста не се мери само со километри автопати или гигабајти интернет. Таа се мери и со довербата што ја градиме едни кон други“, нагласи Муртезани.
Поврзаност, иновации и одржливост
Северна Македонија, како координирачка земја на Столб 2 – Поврзување на регионот, најави дека ќе работи на зајакнување на инфраструктурните, дигиталните и социјалните врски во регионот. Муртезани истакна дека новото претседателство ќе се залага за:
Подобра поврзаност меѓу државите членки;
Промоција на иновации;
Развој на сината економија;
Фокус на одржлив развој и меѓусебна солидарност.
„Ќе градиме не само патишта, туку и мостови на разбирање и солидарност“, изјави Муртезани.
Продолжување на насоките од грчкото претседателство
Новото претседателство ќе продолжи да ги следи стратешките приоритети воспоставени од претходното грчко претседателство. Ќе има засилен ангажман кон создавање функционална, поврзана и одржлива Јадранско-јонска регија.
Муртезани го потпиша барањето за претфинансирање на средствата од Реформската агенда