Македонската кошаркарска федерација од четврток до 15 август ќе биде организатор на Европското првенство за кошаркари до 16 години од Б-дивизијата.
Домаќини на кадетскиот шампионат ќе бидат Скопје и Гевгелија. Натпреварите во главниот град ќе се играат во „Т Арена“, додека средбите во Гевгелија ќе се одржуваат во спортските сали „НБ Ноел“ и „26 Април“.
Од Кошаркарската федерација на Македонија посочуваат дека и во изминатите години успешно организирале повеќе младински европски првенства, со што ја потврдиле позицијата на сигурен и доверлив партнер на европската кошаркарска федерација.
Организацијата на претстојниот У16 Евробаскет е дел од стратешката определба на Федерацијата преку домаќинство на големи меѓународни натпреварувања да придонесува за развојот и афирмацијата на македонската кошарка.
Од КФСМ нагласуваат дека ваквите спортски настани придонесуваат и за промоција на Македонија како препознатлива спортска дестинација во Европа.
