Македонија нема да испраќа свои војници во Украина и никогаш не презела таква обврска, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски. Тој нагласи дека членството во НАТО не ја обврзува државата да испраќа воен персонал на украинска територија.
– Ние никогаш не сме ветиле и никогаш не сме кажале дека македонски граѓани ќе одат. Тоа треба секој да го знае и многу пати сум ја давал оваа изјава. Македонски војници на украинско тло нема да има. Ние веруваме да има мировен договор, тоа е нашиот став – рече Мисајловски во гостување на Канал 5.
Министерот посочи дека се разгледуваат други можности за поддршка на Украина преку меѓународни иницијативи и трипартитни договори. Како една од опциите го наведе донирањето одредена опрема, за што Македонија би добила поддршка преку соодветни фондови.
За ваквите можности, според Мисајловски, веќе било разговарано и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Одговарајќи на прашањето дали Македонија како членка на НАТО би можела да одбие евентуално барање за испраќање воен персонал, министерот нагласи дека таква обврска не произлегува од членството во Алијансата.
– Ова не е обврска што произлегува од НАТО. Нема таква обврска. Станува збор за иницијатива на големите сили на Европа, Франција, Германија и Обединетото Кралство, каде што се обидуваат да придонесат повеќе за Европа и Украина – рече министерот.
Мисајловски додаде дека најпрво треба да се постигне мировен договор, а потоа да се разговара за сите други аспекти на поддршката и за евентуалното учество во иницијативите поврзани со Украина.
– Во овој период има позитивни најави за можен напредок кон мирно решение. Добро е што се разговара за мир. Тоа е нешто што сите го посакуваме и поддржуваме – изјави Мисајловски.
